Координативно тело на економско - социјалниот совет
Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата се формира за постигнување на социјален мир и решавањето конфликти во работните средини. Европскиот концепт е поширок од законите и добивката на инвеститорите...
На 23. седница на Економско – социјалниот совет, одржана на 15 ноември 2007 година, се постигна согласност за формирање на Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата.
Целта на новото тело е постигнување индустриски и социјален мир во претпријатијата. Телото ќе биде составено од претставници на социјалните преговарачи: државните органи, синдикатите, граѓанските организации, високобразовните институции и други организации.
Концептот на општествена одговорност на Европската комисија се однесува на социјалните аспекти и аспектите на животната средина. Денес е распространето убедувањето дека повеќе не е доволно деловните субјекти да се стремат само кон создавање добивка на инвеститорите, затоа што нивното работење влијае врз животот на целокупната заедница каде тие работат. Општествената одговорност се дефинира како “успех на деловните активности остварен не само со почитување на законите и прописите, туку со пристап кој постигнува рамнотежа меѓу економските, еколошките и социјалните цели, на начин кој е во полза за граѓаните, заедницата и општеството“.
Трите нивоа на општествената одговорност на претпријатијата се: прво, почитување на законските обврски (здравје и безбедност при работа, права на потрошувачи, еколошки прописи), второ, намалување на негативните ефекти на деловниот сектор врз општеството (прекршување на човековите права), и трето, позитивни влијанија (создавање работни места, социјален развој, разрешување на конфликти).
Формирањето на новото координативно тело е исто така во согласност со Програмата за поттикнување инвестиции во периодот2007 – 2010 година.
На седницата беше разгледан и првиот Извештај за реализација на обврските од Европската социјална повелба на Советот на Европа. Република Македонија е полноправна членка на Советот на Европа и ја има ратификувано Европската социјална повелба во март 2005 година. Со ратификацијата на повелбата се прифатени 11 од вкупно 19 члена и за нивното имплементирање е подготвен првиот Извештај.
Според системот на известување на земјите потписнички на Повелбата членовите се поделени на четири тематски групи. Оваа година се поднесуваат извештаи од првата тематска група, чија област е вработувањето, обуката и еднаквите можности. Од оваа тематска група Македонија е должна да поднесе извештај за членовите 1. и 15., кои се однесуваат на правото на професионално образование и на професионална и социјална рехабилитација на физички или ментално заостанати лица. Овие извештаи беа усвоени од членовите на Економско – социјалниот совет.








