Спогодба за формирање на економско – социјален совет
Владата на Република Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија и Стопанската комора на Македонија на ден 30 декември 1996 година склучија
С П О Г О Д Б А
за формирање на Економско – социјален совет.
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Владата на Република Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија и Стопанската комора на Македонија, со цел остварување на темелните вредности на Уставот на Република Македонија за демократска и социјална држава и обезбедување социјална правда, за похармоничен развој на општествените процеси, за унапредување на социјалниот дијалог, трипатризмот и примената на меѓународните конвенции и препораки, формираат Економско – социјален совет.
Член 2
Со оваа Спогодба се уредуваат функциите, составот и начинот на работа на Советот.
ФУНКЦИИ НА СОВЕТОТ
Член 3
Советот има советодавно – консултативна функција преку која се одвива социјалниот дијалог и значаен дел од преговарачката функција на социјалните партнери за економско – социјалните прашања кои се од интерес за Република Македонија.
Согласно овие функции Советот разгледува прашања и дава мислења, предлози и препораки за одредени прашања од областа на:
- економската политика и мерките за економска и социјална стабилност и развој;
- политиката на цените и платите;
- трудот и социјалната сигурност;
- колективното договарање колективните договори;
- животниот стандард;
- вработувањето;
- работните услови и заштитата на работа;
- здравствената заштита;
- образованието, културата и стручното оспособување;
- финансиско – кредитната и даночната политика;
- пензиското и инвалидското осигурување;
- социјалната и детската заштита.
Покрај наведеното Советот:
- го поттикнува мирното решавање на колективните работни спорови;
- учествува во координирањето на работата на социјалните партнери во соработка со Меѓународната организација на трудот и други меѓународни европски институции кои се занимаваат со трипартитниот дијалог на национално ниво и примената на меѓународните конвенции од областа на трудот;
- ги развива механизмите на трипартитната соработка меѓу Владата, Синдикатот и Стопанската комора во решавањето на економските и социјалните прашања и проблеми.
Член 4
Владата, министерствата и другите органи задолжително ги разгледуваат предлозите на Советот и на соодветен начин го информираат.
Советот може по своја иницијатива да дава мислења и предлози за одделни прашања од економско – социјалната сфера до Собранието и Владата на Република Македонија и други надлежни органи.
За одделни прашања Владата, министерствата и другите органи можат да побараат мислење од Советот.
СОСТАВ НА СОВЕТОТ
Член 5
Советот го сочинуваат 11 членови и тоа:
- 3 членови од Владата на Република Македонија
- 3 членови од Сојузот на синдикатите на Македонија
- 3 членови од Стопанската комора на Македонија
- 2 члена експерти кои ги избира Советот.
Мандатот на членовите на Советот трае 4 години.
Секој член на Советот има свој заменик.
Експертите рамноправно учествуваат во работата на Советот.
Член 6
Покрај членовите на Советот, на седниците на Советот може да бидат поканувани и стручни и научни работници и претставници на други организации и институции, во зависност од дневниот ред.
Член 7
Советот има претседател и двајца заменици на претседателот.
Претседател на Советот е министерот за труд и социјална политика, кој е член на Советот по функција.
По еден заменик на претседателот се избира од редот на членовите на Советот од Сојузот на синдикатите на Македонија и Стопанската комора на Македонија.
Член 8
Претседателот на Советот:
- го претставува и застапува Светот пред надлежните органи и јавноста;
- ги свикува седниците на Советот, предлага дневен ред и раководи со работата на Советот;
- ја координира и усогласува работата на работните тела на Советот.
Сите овластувања на претседателот на Советот во случај на негова спреченост ги имаат неговите заменици.
Член 9
Советот има секретар.
Секретар на Советот е лице од Министерството за труд и социјална политика определено од министерот за труд и социјална политика.
НАЧИН НА РАБОТА НА СОВЕТОТ
Член 10
Советот работи на седници.
За работа на Советот е потребно присуство на две третини од членовите на Советот и тоа најмалку по двајца од учесниците во Спогодбата и еден од експертите.
Поблиски одредби за начинот на работа и одлучување на Советот поконкретно се утврдуваат со деловник за работа на Советот.
Член 11
За одделни прашања Советот може да формира постојани или повремени работни тела на Советот, што поблиску се утврдува со деловникот за работа на Советот.
Член 12
Стручните и административно – техничките работи за потребите на Советот и работните тела се извршуваат во Министерството за труд и социјална политика.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 13
Оваа спогодба стапува на сила од денот на нејзиното склучување.
Спогодбата се објавува до “Службен весник на Република Македонија“.
| Стопанска комора на Македонија |
Сојуз на синдикатите на Македонија |
Влада на Република Македонија |
| Претседател, Душан Петрески |
Претседател, Живко Толевски |
Претседател, Бранко Црвенковски |








