Организација поставеност и структура
Сојузот на синдикатите на Македонија е федерација на 17 грански синдикати. Постојат заеднички и специфични интереси на членството и оттука гранските синдикати се организирани врз принципот на индустриски тип. Тие во своето дејствување остваруваат висок степен на автономност и самостојност. За остварување на целите и задачите формирана е синдикална мрежа на целата територија на државата.
Конгресот на ССМ, согласно Статутот, е највисокиот орган и се одржува на пет години. Конгресот го сочинуваат делегати на гранските синдикати. Бројот на делегатите е согласно бројот на членството на гранскиот синдикат.
Првиот конгрес на ССМ - тогашен Прв Земски синдикален конгрес на работниците и намештениците на Македонија, се одржал во Скопје на 18-21 август 1946 година. На 18 март 2006 година се одржа 17 конгрес на ССМ. Инаку првите синдикални организирани активности на територијата на Македонија се забележани на почетотот на минатиот век.
ССМ има Статутарна комисија и Надзорен одбор кои ги избира Конгресот.
Советот е највисок орган на ССМ меѓу два конгреса и го сочинуваат членови избрани од гранските синдикати. Мандатот на членовите на Советот трае пет години. Верификацијата на мандатот на членовите на Советот ја врши Конгресот. Советот на ССМ има Претседателство.
За остварување на заедничките синдикални цели и задачи на територијата на Република Македонија, Советот на ССМ во поголемите градови во Македонија формира регионални синдикални совети како координативни тела.
Постојат 14 регионални синдикални совети. Секој Совет има претседател. Во рамките на регионалните совети работат и 21 канцеларија, сместени во помалите градови низ државата.
Стручната работа во Советот на ССМ е организирана во сектори: за следење на економските и социјални прашања и колективно договарање; за организациски развој, комуникации и медиуми, зачленување и мобилизација на членството; работни односи и правна заштита; образование на синдикалниот кадар и меѓународна соработка. Постои и Служба за општо кадровски прашања.
Со цел да се влијае за поцелосно остварување на посебните права и бенефиции на членството, во ССМ функционира Секција на жени и Секција на млади.








